Rss Feed
  1. Жар

    November 2, 2013

    Утро. Стојам во ред пред каса во еден од големите супермаркети, пред единствената што е отворена од шестте коишто постојат. Пред мене има уште четворица купувачи. Редот не се помрднува, а причина за тоа е бабичката со нападна шминка и стокмена фризура, којашто пополнува формулари за заштедување два денари месечно. Нејзината кошничка е преполна, а паричникот натежнат од богатата пензија. Таа со огромна насмевка на лицето расприкажува за убавините на животот... 

    Поминуваат две песни низ моите слушалки, а таа најпосле заминува, со лесен чекор и некоја извртена детска наивност. Следниот купувач зачекорува кон касиерката. Му тежат неговите едвај педесет години.

    На касата тој остава леб од 18 денари кој повеќе наликува на балон со боја на жито отколку на леб, едно мало, зелено пиперче и 200 грама од најевтината салама којашто можел да ја пронајде во продавницата, во којашто можете да купите и месо од носорог! Девојката на која ѝ недостасува само еден заб од левата страна на горната вилица му вели - 72 денари, господине. 

    Чичкото облечен во изветвени, сиви, работнички алишта, со многу дамки и неколку видливи дупки, го вади својот паричник од десниот џеб. Внимателно го отвара, небаре гали милениче и погледнува внатре. Вади три банкноти од по 10 денари, а потоа со неверојатна понизност прашува - може ли ситни? 

    - Секако - љубезно му враќа касиерката, видливо згрозена од мирисот на пот. 

    Изморениот работник го повлекува јазичето од малото џепче во паричникот, но тоа се кине и паѓа на земја, заедно со еден грст монети, што се разлетуваат во сите правци. Тој клекнува на подот и започнува да ги прибира. Паричникот останува на касата, потполно празен. Се покажува фотографијата од мало дете, насмеано, загледано во далечината, со надеж и жар во очите. 

    Купувачите во редот зад него веќе мрморат со негодување. Не им е јасно како овој човек се дрзнал со невнимателноста да им одземе 30 секунди од животот, кои тие можеле да ги искористат за озборување на своите соседи. Нетрпеливи се. Сакаат да си оди. Што побргу, тоа подобро! 

    Работникот полека се исправува. Прибрал уште 43 денари. Другите ги заборава. Ја отвара дланката врз касата. Едниот денар го враќа во сега веќе скинатото џепче и врз него со сила го турка скинатото јазиче. Внимателно го затвара паричникот и го враќа во својот џеб. Ја позема храната што ќе му појадок и ручек и со наведната глава го напушта супермаркетот. 

    Низ слушалките ми се разлева нова мелодија. Некој глас се прашува: „Каде ќе бидеме кога ќе пристигне иднината?“ Јас се прашувам кога ли тој човек решил да ја изгасне жарта во своите очи, само за таа да продолжи да тлее во погледот на малото човече на фотографијата... барем уште некое време?


    Оцени: 
    |
    |


  2. 1 коментар(и):

    1. topdzija said...

      Најверојатно кога го слушнал првиот плач на малото човече..