Rss Feed
  1. Ракија

    October 11, 2015

    Дојдоа фашистите и веќе ми стана јасно оти животот ми е завршен. Знаев дека ништо нема да е како што беше. Знаев дека отсега ќе морам да ги земам нештата во свои раце. Заврши животот... А, ако веќе беше однапред завршен, решив да ѝ го подарам на слободата. Посакав да заминам кај партизаните. Но, баба ми носејќи свежо испечен леб од фурната, ме пресретна, ме застана и ме преколнуваше да останам. Мал сум бил, ми велеше, пилиштарец од 12 години. „Ќе заминат“ ми кажуваше. „Многу дошле на оваа земја македонска и сите си заминале. Бегаешти или в земи влегвеешти, сите си заминале. Остани ми ти овде, а ќе видиш, Таљаниве вит ќе фатет!“

    Не бев загрижен толку многу за Италијанците колку што ме секираа Бугарите отаде границата што ја исцртаа меѓу Струга и Охрид. Голема злоба лежи во тој катиљ народ. Убиваа и жени и деца, силуваа сè што ќе им излезе пред очи, палеа цели села. Ме влечеше крвта натаму, сакав да им помогнам на нашите, ама жал ми падна за старата, никој друг не ѝ остана, сите некаде заминаа; па решив да останам, барем некое време.

    Сабајлето, откако веќе решив оти останувам, појдов до ќералот. Ми се припи ракија. Нешто однатре ме тераше да се напијам од љутилото. Знаев оти таму ја кријат последната ракија, за зли дни. Ја накренав срчата и голтав од изгорот дур не ми се сврте во главата. Останатото го вратив назад, се качив на чардакот, зјапав во сонцето и зедов да плачам. Солзите сами ми течеа, душата ми се топеше. Плачев а ми се чини дека и жар-сонцето заплака со мене....

    * * * *

    Минаа 2 години од војната. Никогаш и никому не кажав дека сум пачел. Живеев крај Италијанците, небаре иста мајка нè имаше родено. На капетан Паоло дури и му ја пасев Нина, црната кобила. Само мене ми веруваше со неа. И ќе останеше така, до немајкаде, доколку не се случеше таа грозоморност која ја засведочив тој ден.

    Се враќав од дрва берење и кога се наближив до дворот наш, начув гласови кои чудно звучеа. Се затскрив во грмушките и кога видов, што ќе видам? Едвај се воздржав да не го истурам стомакот. Баба ми жива ја втераа во фурната и ја изгореа. Бугарите. Имаа влезено на италијанска територија, се имаа качено на Караорман бркајќи неколку партизани кои им ја испотепале скоро цела единица. Ја прашуваа старата каде се партизаните, а таа саде им повторуваше оти лебот бргу ќе стаса.

    Изгоре, а глас не пушти. Ни јас не пуштив глас. Не смеев. Тие заминаа, а јас ја допив ракијата останата во срчата. Седнав на чардакот и плачев. Плачев и гледав во тажното небо, сето сино распослано над Орли Камен.

    Ноќта заминав в партизани.

    * * * *

    Се ближеше крајот на војната. Во воздухот мирисаше на крај. Можеби тоа беше мирисот на страв во фашистичките редови. Кој да ти знае. Знаевме сите само дека се спремаме за една последна битка, да ги дотолчиме.

    Како преживеав дотогаш, само јас си знам. Уште ги памтам јадовите од битките, од премрзнувањето, од жешката вода што Арнаутките ни ја истураа на глава од прозорците во нивните села.

    Не ни дадоа шанса да ги дотепаме. Вит фатија фашистите. Еден ден ги снема и ние влеговме во градовите. Нè дочекаа со радости, со јадење и пиење. Песни ечеа насекаде. Сите се веселеа. Војната заврши.

    Некој ми подаде шише со ракија. Зедов да пијам како дотогаш в пустина да ми се сушело грлото, а тоа да беше најслатката вода што ја имав пробано. Ги оставив другарите да се веселат, а јас заминав крај езерото. Седнав до водата и почнав да плачам. Водата силно се разбранува....

    * * * *

    Се смирија нештата по војната. Се вратив в село. Имав нормален живот, колку што може да биде нормален по една ужасна војна. Имавме по малку од сè, а од многу нешта ич немавме. Тешко беше, ама барем мирно.

    Си гледав некое време една девојка, а знам дека и таа ме загледуваше мене. По некое време, скришум почнавме да си кажуваме по некоја од оние машко-женски лаги, насамо.

    Еднаш, на договореното место, дојде другарка ѝ Елена, сама, со писменце в пазуви. Таа не можела да дојде. Елена ми рече дека ќе почека дур напишам одговор.

    Јас ѝ реков „кажи ѝ на другарка ти оти не ја сакам веќе и дека тебе ќе те земам“.

    Избега Елена тогаш, а мене нешто ме стегна во градиве. Ја имав видено и порано, ама никогаш не ми се виде толку убава како тогаш. Уште тој ден знаев дека ќе ми стане жена и ќе ми роди 4 ќерки. Знаев.

    Вечерта се напив ракија. Седев на чардакот, плачев и ги броев ѕвездите на кристалното црнило.

    * * * *

    47 години, секое утро станував во 5 насабајле, за да ја гледам како се буди. Најубава беше кога спиеше, а потоа наспана ќе ги отвореше очите. Обично тоа го чинеше некоја минута пред 6. Никој немаше толку убаво лице како нејзиното. Ќе го запалев цел свет ако таа посакаше.

    По 47 години, едно утро, не се разбуди. Не пуштив ни солза цел ден, не можев ни да воздивнам дур ја спуштаа в земја.

    Следната ноќ, немав ни помислено на спиење. Последен пат се напив ракија, излегов надвор, легнав на земјата постудена од смрт и плачев без да можам да ги отворам очите. Елена ја сонував.

    * * * *

    Ми кажаа дека умрел дедо ми. Тогаш се присетив на оваа приказна што еднаш одамна ми ја раскажуваше. Се готвев наскоро да отидам да го видам, а не стигнав. Умрел. Предоцна ми соопштија и за да можам да стигнам на погребот.

    Вечерта слушав една песна која секогаш ме потсетува на него и на мирисот на езерото. Слушајќи ги нотите кои ми го корнеа срцето, за прв и последен пат се напив ракија. Плачев и јас, но однатре. Никогаш не научив да ги ослободувам солзите....
    Оцени: 
    |
    |


  2. 0 коментар(и):