Rss Feed
  1. Небо

    October 28, 2015

    Кога бев дете немаше ништо поголемо од небото. Беше тоа една голема прекривка што се протегаше над сѐ и која не можеше да биде достигната, ниту заменета. Одев, со малите и несмасни нозе насекаде, а небото ме следеше, со сиот свој раскош, со сета убавина, со таа магична незаменливост што понекогаш убавината ја престоруваше во болка.

    Понекогаш, само понекогаш, кога ќе ме надвасаше тагата, за која и денес не знам од каде извираше, ниту пак каде потоа втонуваше, посакував да тргнам, некаде, не знаејќи ни сам каде и да се обидам да го пронајдам крајот на небото. Таму сигурно имаше нешто поубаво од сите оние бои и фигури што се прелеваа на таа толку примамлива прекривка.

    Нозете се издолжуваа, а јас никогаш не го пронајдов крајот. Одминав многу ридови, се искачив на бројни планини, видов и мориња полегнати во далечините, но никаде крај. Радоста и тагата почнаа да се израмнуваат во една чудна линија, како што јас сфаќав дека не само што небото не е големо, туку оти е најужасниот привид што некогаш постоел.

    Го оставив зад себе. Не го бев погледнал со години. Знаев оти е таму, ама и дека не е. Минаа многу години. Нозете целосно се издолжија и потем натежнаа. Чекорите стануваа сѐ пожелезни...

    Одеднаш се најдов себеси затворен во соба, со мало прозорче и едно чудо звуци, штракања, шум и непријатна тишина - сѐ во исто време. Нешто ме здоболе и случајно погледнав низ неисчистеното стакло. Угоре, покрај грдиот бетон испречен од сите страни, покрај овенатите гранки од армираните дрвја кои полекаат умираат, се наѕре едно парче од небото. Само едно.

    Деновите продолжија да се редат, а јас, веќе остарен, секој ден, кога чекорев неволно кон таа иста соба, погледнував срамежливо кон небото. Не можев да видам ништо повеќе од мали парчиња. Само тоа и преостана. Се обидував да ги закрпам едно со друго и да создадам барем едно делче од она огромно небо што помнам дека така одамна ми ја покриваше душата...

    * * * 

    Помина доста време. Собата со мало прозорче ми ја доцеди радоста, оставајќи ме како пеплосан сунѓер. Но не застана. Продолжи да стиска, да нагмечува, да продира до сржта. Можеби сакаше да види дали останало уште некој атом, таму некаде длабоко...

    Во најубавиот ден таа есен, кога валканите бетонски грдосии пливаа во дождовница и сите фигури по улиците нервозно свиреа со своите автомобили или брзаа да се скријат под некоја стреа, полека се тетеравев кон својот дом киснејќи заедно со мислите. Сѐ се измиваше од гревовите, барем за миг, а јас веќе знаев...

    Небото е таму да ја скрие вистината. Она што лежи потаму, она црнило исполнето со сите одговори кои засекогаш ќе останат само загатки; тоа е тоа по што јас отсекогаш сум трагал. И го пронајдов влегувајќи дома, во прегратката од малите рачиња и црните очи во кои се гледа целиот космос.

    Му ја подадов раката, подарувајќи му насмевка и му посакав да го надлета своето небо што поскоро и да ги открие сите тајни, онака како што јас не успеав.
    Оцени: 
    |
    |


  2. 0 коментар(и):